Српскиот претседател Александар Вучиќ, на вонредна прес-конференција вечерва зборуваше за трагедијата во Нови Сад, во која загинаа 15 лица откако настрешницата од железничката станица се сруши врз луѓе кои во моментот се најдоа таму.
„15 лица загинаа затоа што некој не ја работел работата согласно законот. Она кое за нас ќе биде проблем во следните месеци, е фактот што стравот успеа да ја сопре Србија. Сега не може да добиете потпис од ниту еден државен орган за градење за било што. Не може ни државата за градење надвозник, подвозник, пат…“, рече Вучиќ.
Тој кажа дека сега се бара секаде да се срушат настрешниците, а луѓето во паника сега се повнимателни со градење на објекти.
„Има страв, луѓето бараат да ги рушиме настрешниците во здравствените домови. Треба да ја отвориме пругата Суботица – Белград, и не знам како ќе го изведеме тоа. За мостовите кои ги градиме исто посоти страв. Сите учествуваме во таа хајка. Сега се бара поголемо осигурување. На пример на градење на националниот стадион, од изведувачот се бара подлабоко да ги постави столбовите, а тоа значи трошење повеќе време и повеќе средства“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека не може да биде виновен за се.
„Зарем мора да бидам виновен јас за се? Еве, и нека сум, но апелирам да не го сопираме развојот на земјата“, рече претседателот на северниот сосед.
