Хотели, приватни апартмани, автокампови, одморалишта и бањи, се дел од капацитетите низ земјава во кои може да летуваат или зимуваат граѓаните со приходи до максимум 15.000 денари месечно.
Ова го овозможуваат ваучерите од 6.000 денари кои им се веќе испорачани и кои може да ги искористат до 15 декември годинава, а се дел од мерката „Дома си е дома“ за поддршка на домашниот туризам.
Вкупно 117.122 граѓани може да ги користат ваучерите за одмор. На платформата www.domasiedoma.gov.mk и www.pushimenevend.gov.mk може да одберат некој од сместувачките капацитети.
Првичната оценка на сместувачките капацитети е дека луѓето се заинтересирани за искористување на поддршката, но засега се уште се плашат од ситуацијата со КОВИД-19. Агенцијата за туризам, пак, очекува годинава од домашните гости да бидат остварени повеќе од два милиони ноќевања, бројка во која значителен удел ќе имаат токму ваучерите.
