Веб-страницата „купувам домашно“ неактивна, граѓаните и натаму не можат да ги подигнат ваучерите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Вчера требаше да се објават податоците, но веб-страницата – www.kupuvamdomasno.gov.mk и денеска вон функција. Поради тоа, граѓаните, учениците и студентите сѐ уште не знаат каде и како треба да ги подигнат 3 илјади денари со кои ќе можат да купат домашни производи. За овие платежни картички се чини дека најголема потреба имаат младите.

-Мислам дека треба барем да знаеме дали сме добитници на ваучерот од 3 илјади денари. Секако дека многу ќе ни помогне во оваа вонредна состојба, бидејќи има родители кои не работат, кои го изгубија работното место. Овие 3 илјади денари мислам дека би биле помош за секое семејство-вели граѓанка.

Платежни картички треба да добијат и учениците над 16-годишна возраст, како и студентите не постари од 29 години. На оваа веб-страница студентите кои немаат своја жиро-сметка, можат да го напишат нивниот матичен број и да видат во која банка и кога можат да ја подигнат картичката, објаснува претседателот на Студентскиот парламент, Борјан Ефтимов.

Владата без конкретен датум кога граѓаните ќе можат да ги подигнат картичките, и додаваат дека веб-страницата ќе биде ставена во функција наскоро.

-Корисниците ќе ја добијат домашната платежна картичка на домашна адреса или ќе можат да ја подигнат од банката издавач, без да аплицираат. Наскоро, на страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk, граѓаните ќе може да проверат дали им следува, односно дали се корисници на некоја од платежните картички и која е нивната банка издавач. Корисниците ќе бидат исконтактирани од банките”, соопштија од Владата.

Освен картички за домашни производи, студентите ќе можат да добијат и ваучери во вредност од 9 илјади денари. Оваа сума можат да ја добијат и невработените, додека здравствените работници ќе добијат картички со износ од 40% од нето платата. Иако граѓаните сѐ уште не можат да ги искористат ваучерите кои се дел од третиот економски пакет, тие во неколку наврати беа промовирани од функционерите, и од политичките субјекти.