Вечерва во 20 часот на Националната Арена „Тодор Проески“, Шкендија ќе го нагости големиот англиски тим Тотенхем. Тимот кој беше финалист во Лигата на шампионите лани, предводен од Жозе Мурињо, е огромен фаворит за победа.
Меѓутоа од тетовскиот табор најавуваат дека влегуваат „без бело знаме“ во пресметката со скапиот англиски тим.
Кејн, Али, Алдервирелд, Харт, Сон, Н’Домбеле… ќе зачекорат на „Арената“, но за жал спектаклот нема да биде комплетен со оглед дека мечот ќе се игра без присуство на публика. Во спротивно се очекуваа некаде околу 20 илјади гледачи.
Ова е меч од 3. квалификациско коло. Во претходните две, Шкендија ги мина Сумгаит и Ботошани.
Тимот на Тотенхем со многу мака го мина Локомотив Пловдив во минатото коло од Лигата на Европа. Мурињо и неговите избраници доцна синоќа пристигнаа во Скопје, и не одржаа официјален тренинг, ниту прес-конференција. Истата ја одржаа во Лондон пред тргнувањето со чартер лет кон Скопје.
