Велика Британија, Франција и Германија го повикаа Иран „веднаш да ја запре својата нуклеарна ескалација“ откако Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) објави дека Техеран значително ги зголемил своите активности за збогатување ураниум, пишува Гардијан.
„Ние, владите на Франција, Германија и Обединетото Кралство, ги осудуваме најновите чекори на Иран… во проширувањето на неговата нуклеарна програма“, се вели во заедничката изјава на трите земји. Тие исто така додадоа дека „силно го повикуваат Иран да ги повлече овие чекори и веднаш да ја запре својата нуклеарна ескалација“.
Според извештајот на МААЕ, виден од новинската агенција Франс прес, Иран го обновил капацитетот за збогатување ураниум во Фордо, јужно од Техеран.
Промените „значително ќе ја зголемат стапката на производство на збогатен ураниум до 60 проценти“, рече МААЕ – чекор поблиску до збогатувањето од 90 проценти потребно за производство на нуклеарно оружје.
Иран призна дека ја повлекува соработката со инспекторите на МААЕ од 2018 година, по одлуката на Доналд Трамп да ги повлече САД од договорот. Во 2015 година, Иран го потпиша оригиналниот договор за следење на неговата нуклеарна програма во замена за укинување на економските санкции од Западот.
