Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека Велика Британија ќе распореди уште четири борбени авиони од типот Eurofighter Typhoon во Катар, со цел да се зајакнат одбранбените операции во таа земја и поширокиот регион.
Стармер на прес-конференција истакна дека одлуката е дел од одговорот на Персиски Залив на барањата на сојузниците за дополнителна помош, пренесува Sky News.
Британската влада уште во јануари ја распореди 12-та ескадрила на Кралските воздухопловни сили на Велика Британија во Катар, на покана од катарската влада.
Премиерот додаде и дека првиот чартер-лет организиран од британската влада полетал од Оман за евакуација на британски државјани, при што во наредните денови се очекува да бидат организирани и дополнителни летови.
Според него, повеќе од 4.000 британски државјани веќе пристигнале во земјата со комерцијални летови од Обединети Арапски Емирати, додека уште седум авиони се очекува да полетаат подоцна во текот на денот.
Стармер истакна и дека таканаречениот „посебен однос“ меѓу Велика Британија и Соединетите Американски Држави функционира нормално, откако претседателот Доналд Трамп претходно неделава го критикуваше Лондон и изјави дека британскиот премиер ги нарушил традиционално блиските врски меѓу двете земји.
„Разменуваме разузнавачки информации постојано, 24 часа дневно, на вообичаен начин. Тоа е тој посебен однос. Тоа е посебниот однос на дело“, изјави Стармер, пренесува Танјуг.
