Илјадници луѓе се собраа денес во Стоунхенџ за да ја прослават летната краткоденица, додека Велика Британија се подготвува за топлотен бран што би можел да донесе рекордно високи температури низ поголемиот дел од земјата.
Метеоролошката служба соопшти дека се очекува температурите да достигнат врв од околу 35 степени Целзиусови во вторник и среда, што предизвика предупредувања за здравствените ризици, особено за ранливите групи.
Британските метеоролози изјавија дека постои голема веројатност рекордот за највисоката јунска температура од 35,6 степени Целзиусови, поставен во Саутемптон во 1976 година, да биде соборен оваа недела.
Повеќе од 20.000 луѓе се упатија кон Стоунхенџ и Авебери во Вилтшир утрово за да го гледаат изгрејсонцето во 4:25 часот наутро на најдолгиот ден во годината, според „Инглиш Херитиџ“. Некои посетители го допреа античкиот споменик со рацете и навиваа додека сонцето ѕиркаше од магливиот хоризонт.
Цела Европа се пече
Во меѓувреме, цела Европа се пече под топлотна купола бидејќи е погодена од топлотен бран, при што температурите достигнуваат високи вредности.
Синоптичарите најавија температури до 39 степени Целзиусови за Мадрид утре и 37 °C за Рим. Денес, во Франција се очекуваат максимални температури од 40 °C, а понеделник веројатно ќе биде уште потопол, бидејќи службите за итни случаи и воените сили се ставени во состојба на готовност за можни шумски пожари.
Француските власти воведоа ограничувања за јавна консумација на алкохол поради жештината, а некои спортски настани на отворено се откажани.
Во Велика Британија, Метеоролошката служба издаде жолто предупредување за екстремна топлина за поголемиот дел од јужна Англија, југоисточен и источен Велс и поголемиот дел од Мидлендс за утре и задутре. Предупредувањето се однесува на потенцијалното влијание врз здравјето на луѓето чувствителни на екстремна топлина и проблеми поврзани со топлината за пошироката популација.
