Верските заедници повикуваат на смиреност – го осудуваат инцидентот во синагогата за викендот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Верските заедници реагираа за инцидентот кој се случи викендов кога, засега непознати лица се обидоа го запалат објектот на Еврејската заедница и синагогата. Тие остро го осудуваат случајот, изразувајќи солидарност и поддршка за еврејската заедница.

Поглаварот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви, истакна дека нивната реакција е истовремено осуда и знак на поддршка, нагласувајќи дека верските заедници во земјава негуваат долгогодишна соработка, конструктивен дијалог и меѓусебна поддршка во секоја област.

-Не знаеме дали станува збор за терористи или хулигани, но факт е дека т.н. „Исламска држава (ISIS)“ имаше повик за Велигден да се палат христијански и еврејски верски објекти. Дали ова е резултат на тој повик или нешто друго, ќе утврди полицијата, изјави Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница.

Поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаи, истакна дека исламот строго забранува секој акт на насилство врз верски објекти, без разлика на нивната припадност.

-Нашата младина има голема почит кон сите верски заедници и верници. Тоа се гледа на сите места каде што живееме заедно без проблеми. Затоа, со целосна одговорност велам дека соживотот во Македонија се развива добро и нема никаков проблем, изјави Шаќир Фетаи, претседател на ИВЗ.

Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Оливера Трајковска, апелираше за смиреност и одговорност.

-Затоа, во духот на меѓурелигиска соработка и меѓусебно разбирање, апелираме сите граѓани да покажеме одговорност, разум и доблест и да останеме чувари на соживотот. Меѓусебната почит е една од најголемите вредности што ги имаме, затоа треба да ја зачуваме и да ја оставиме како аманет за идните генерации, изјави Оливера Трајковска, директорка на Комисијата за верски заедници.

На конференцијата присуствуваа и поглаварот на Македонската православна црква – архиепископот г.г Стефан, бискупот на Католичката црква, Киро Стојанов, како и поглаварот на Евангелско-методистичката црква, пасторот Марјан Димов.

Надлежните институции соопштија дека истрагите за случајот се во тек и се очекува сторителите да бидат идентификувани и изведени пред правдата.