Американскиот генерал Весли Кларк беше пречекан со аплауз и одликувања во Албанскиот театар во Скопје.
Тој ја доби титулата „Почесен граѓанин“ на општина Чаир, притоа изразувајќи ја својата радост што во Скопје гледа мир, просперитет и ентузијазам.
„Денеска е голема привилегија за мене и мојот син, кој е тука. Задоволство е да се биде овде во Скопје, да се види мир, просперитет и да се почувствува ентузијазам, за да се надеваме, да веруваме во иднината“, вели Весли Кларк.
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, рече дека генералот Кларк дал моќен пример за идните лидери дека секој чекор што го преземаат мора да биде исполнет со одговорност, за да се заштитат оние кои се послаби.
„Денес имаме посебна можност да оддадеме почит на една извонредна личност, лидер кој не само што водеше хуманитарна операција,туку со моќта на своето влијание тој ја обликуваше и ориентираше визијата за побезбеден, поправеден и постабилен свет. Генералот Весли Кларк беше како гулаб на мирот, но облечен во воена униформа, чиј придонес е колосален во воспоставувањето стабилност и благосостојба“, вели Висар Ганиу.
Инаку, во 1997 година Весли Кларк беше назначен за врховен командант на Обединетите сили на НАТО за Европа, а на 23 март 1999 година од генералниот секретар на НАТО, Хавиер Солана ја доби наредбата за почеток на воена реакција за геноцидот во Косово од поранешна Југославија.
Одлуката за бомбардирање на тогашната Сојузна Република Југославија беше донесена, првпат во историјата, без одобрение на Советот за безбедност на ОН.