Ветената милијарда се преполови – Мицкоски се договори со Унгарија за кредит од 500.000.000 евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Милијардата евра што ја најавуваше премиерот Мицкоски се преполови. Тој вчера од Вашингтон објаснуваше дека кредитот со Унгарија е постигнат со, како што рече, договор за специјална економска соработка, што ја става Унгарија во ранг на специјален економски партнер и во иднина Македонија повторно ќе може да се задолжува кај оваа земја. Според него ваквиот договор за кредит од 500 милиони евра ќе значи финансиска стабилност на македонската економија. 250 милиони евра ќе бидат употребени како поддршка за македонската економија, а другите 250 милиони евра ќе бидат наменети за проекти на општините.

„Договоривме дека веднаш сега, одговорните лица, министерствата за финансии на двете влади, да отпочнат процес во кој што унгарската Влада ќе и позајми на македонската Влада сума од 500 милиони евра под следниве услови, а тоа се камата од 3,25 проценти, 3 години грејс период и 12 години рок на отплата што ќе рече вкупно 15 години“, вели Христијан Мицкоски.

На ова стигнаа реакции од опозициската СДСМ. Оттаму критикуваат дека условите под кој е земен кредитот се неповолни, но додаваат и дека Мицкоски ова го договорил во четири очи  уште претходно кога одел на средби во Будимпешта, а договорот е склучен без владина одлука ниту пак посебен закон за задолжување што се носи во Собрание.

„Конечно е јасно зошто Мицкоски и неговите соработници секој викенд беа во Будимпешта на консултации кај азилантот Груевски. Специјалната економска соработка со Унгарија е во насока на презадолжување и политичко заложништво на нашата држава кон друга држава. Зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја лажат јавноста дека ова е најповолен кредит кој може да го добие стопанството? Зошто не каже дека во моментов државата е корисник на кредит од 150 милиони евра од Европската банка за развој по подобри услови, односно каматна стапка од 1,6%“, велат од СДСМ .

Инаку, Мицкоски веднаш по победата на изборите на големо го најавуваше кредитот од една милијарда евра, за кој иако постоеја информации дека е од Будимпешта, тој не сакаше да открие детали. Додека беше во опозиција пак, ВМРО-ДПМНЕ остро ја критикуваше претходната влада дека води лоши политики и ја става државата во долгови.