Жителите на Блаце кои треба да го продадат земјиштето на државата за изградба на автопатот Скопје – Блаце, се собраа пред Управата за имотно – правни прашања. Изразија револт бидејќи се незадоволни со цената што им ја соопштиле надлежните.
Како што рекоа дел од сопствениците, властите им рекле дека обработливото земјиште ќе се исплаќа по 4 евра, додека планинското каде што има дрвја, по 11 евра.
„Четири евра е обработливо земјиште, а 11 евра за земјиште каде што има дрвја.“
„Каде има земјиште за 4 евра. Нека ми понуди државата такво земјиште. Иако немам, ќе го купам.“
Сопствениците на земјиштето велат дека не се против изградбата на 2 км, но мислат дека нивното земјиште вреди повеќе. Се жалат на директорот за вршењето вештачење, Ваљдет Џафери и вицепремиерот Бујар Османи, бидејќи ветиле повисока цена.
„Ние не сме против изградба, туку сме против цената што ни ја понудија. Врз основа на разговорите што ги имавме со директорот Ваљдет Џафери во село Блаце, тие ветувања што ни ги дадоа, никаде ги нема во материјалите што ги поседуваат. Ваљдет ни кажа од 10 до 50 евра. Мене ми одредија 4 и пол евра“, рече сопственик на земјиштето.
Вицепремиерот Бујар Османи и на конференцијата на која беше потпишан договорот со градежната компанија Гранит, рече дека цената на земјиштето ќе достигне 50 евра. Но денеска тој рече дека оваа цена била за целиот автопат од 12 км.
„Јас ја проследив информацијата што пристигна од Бирото за вештачење, дека на целата траса на патот од 12км, вредноста на земјиштето се менува до 50 евра. Сега овој прв дел од 12 км, проценката ја направи Бирото за судско вештачење. Јас мислам дека тие ќе се објаснат со граѓаните.“, рече Османи.
ТВ21 го праша директорот на Бирото, Ваљдет Џафери зошто одредиле пониска цена од ветената а тој одговори кратко: Надвор од државата сум и немам мрежа.
Земјиштето на сопствениците се наоѓа од границата до влезот на селото Блаце. Тоа треба да се отуѓи бидејќи во март е најавено да започне изградбата на двата први километри од автопатот Скопје – Блаце.
