ВИДЕО: Над 10 загинати во верижна несреќа во Бугарија, се судриле повеќе од 50 возила

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Густа магла и лизгав коловоз се посочуваат како можни причини за една од најтешките сообраќајни несреќи во Бугарија, во која на автопатот „Тракија“, во близина на Јамбол, се судриле повеќе од 50 возила. Според локалните медиуми, во двете верижни несреќи загинале повеќе од 10 лица, а десетици се повредени.

Обласниот управител на Јамбол, Георги Чалаков, го потврдил бројот на загинати, додека претходно Дијана Русинова од Европскиот центар за транспортни политики соопштила дека животот го загубиле 10 лица.

Меѓу повредените, 11 се хоспитализирани во тешка состојба. Според заменик-директорот на болницата во Јамбол, доктор Валентин Валчев, седуммина од нив имаат сериозни повреди, тројца се со скршеници на екстремитетите, додека за останатите сè уште се утврдува степенот на повредите.

Спасувачките екипи и медицинските служби постојано интервенираат на местото на несреќите, а амбулантни возила пристигнуваат на секои две до три минути. Дел од патниците останале заглавени во смрсканите возила, поради што спасувачите морале да ја сечат нивната каросерија за да ги извлечат.

„Има заглавени луѓе. За жал, веројатно има и загинати“, изјавил началникот на сообраќајната полиција во Јамбол, главниот инспектор Тодор Мишинов.

Еден од учесниците во несреќата за телевизијата „Нова“ раскажал дека видливоста поради густата магла била најмногу 30 метри. Според неговото сведоштво, по судирот се запалил и автомобил, а возачите кои веќе биле дел од несреќата се обидувале да ги предупредат останатите да ја намалат брзината.

Во верижните судири учествувале автомобили, автобуси и камиони. Еден од камионите излетал од патот и се превртел. На терен биле ангажирани итните служби, полицијата и армијата. Медицински хеликоптер испратен од Сливен првично не успеал да слета на местото на несреќите.

Првата сообраќајна несреќа била пријавена околу 7:10 часот на 289. километар од автопатот, во правец кон Бургас. Кратко потоа бил пријавен и втор верижен судир во спротивната насока, кон Софија.

Поради сериозноста на инцидентите, автопатот „Тракија“ е затворен во двата правца. Сообраќајот се пренасочува преку клучката „Карнобат“, патот I-6 кај „Петолачката“, Сливен, патот II-53 и клучката „Крушаре“. На делницата од 288. километар до клучката „Кабиле“ се формирала долга колона возила.