Обилните дождови што ја зафатија Австрија предизвикаа сериозни проблеми во сообраќајот, а еден автобус со четири лица заврши надвор од патот откако беше зафатен од одрон и порој во долината Штанцертал.
Инцидентот се случил во понеделникот вечерта околу 20:20 часот, кога поради силните врнежи се активирале неколку одрони. Камења, кал и надојдена вода затрупале повеќе патни правци, меѓу кои и државните патишта Б171 и Л68.
Според австриските медиуми, автобусот со кој патувале возачот и тројца патници бил оттурнат од патот меѓу местата Шнан и Флирш. Надојдената вода и калта од потокот Хое Рифе навлегле во возилото, достигнувајќи висина од околу 80 сантиметри.
Припадници на доброволната противпожарна служба успеале навреме да ги извлечат 49-годишниот возач и тројцата патници – 31-годишен државјанин на Иран, 39-годишна жена и 14-годишно девојче од Австрија. Патниците поминале без повреди.
Возачот, кој се здобил со повреди чија тежина засега не е позната, бил пренесен со возило на Итната медицинска помош во болницата во Замс.
По несреќата, локалните власти ги затвориле погодените патишта, а пристапот до околните населени места бил овозможен преку заобиколница. Дел од патната мрежа подоцна бил расчистен и повторно пуштен во сообраќај, додека расчистувањето на останатите делници продолжува со тешка механизација.:::
