Синот на Иван Огњановски, пациентот кај кој е донирано срцето при првата трансплантација во Македонија, Васил Огњановски денеска во изјава за медиумите истакна големо сочувство до фамилијата и голема благодарност што со донирањето спасиле три животи, од кој еден е животот на неговиот татко.
Тој посочи дека се се случило многу брзо. Им било јавено пред два дена дека е најдено срце и дека ќе биде извршена првата ваква трансплантација кај нас.
„Операцијата се направи. Полека го будат. Очекувањата се големи. Еднаш докторите го спасија, го вратија меѓу живите, сега тоа го прават уште еднаш и едно многу големо благодарам за нив. Во државата имаме многу дорби доктори што ќе спасат милиони животи“, рече Васил, синот на пациентот кому му е трансплантирано срце.
Тој додаде дека со неговиот татко сакаат да се запознаат со семејството на починатата, и порача дека срцето на нивната ќерка, мајка, сестра се уште чука и тоа ги поврзува!
„Да изразиме сочувство и да им кажеме дека нејзиното срце се уште чука. Фамилиите ќе останат сплотени, а срцето е нашето единство“, рече тој.
