Во Нов Белград, српската полиција привела маж кој се обидел да блокира автобус, но тој успеал да избега од службеното полициско возило. Инцидентот се случил кај Стариот Меркатор, откако автобус со непознати лица запрел пред седиштето на Српската напредна странка (СНС). По пристигнувањето на автобусот, граѓаните ја блокирале раскрсницата, а полицијата привела еден од нив, пренесува „Нова.рс“.
Бегство од полициското возило
Додека полицајците го сместувале мажот во автомобилот, собраните граѓани протестирале и барале тој да биде ослободен. Во тој момент, приведениот едноставно ја отворил другата врата на полициското возило и излегол.
На видеоснимката од настанот се гледа дека полицајците не се обиделе да го запрат.
Покрај снимката од инцидентот, организацијата „Зборови Земун“ објавила и коментар:
„На Нов Белград, еден човек се бунел поради фантомски гласачи, па полицијата сакала да го приведе. Но, тој го знаел трикот и им избегал низ другата врата. Полицијата дури и не се обидела да го брка, очигледно и ним им е јасно!“
Од здружението „Еко стража“ наведуваат дека лицата од автобусот по инцидентот биле однесени до избирачките места и до седиштето на СНС.
Сличен случај и минатата година
Речиси идентична ситуација се случила и минатата година, за време на протест во Блок 4 во Нов Белград. Тогаш полицајците го внеле активистот Срѓан Марковиќ во службен автомобил низ едната врата, а додека разговарале со насобраните граѓани, тој непречено излегол низ другата.
Марковиќ подоцна за телевизијата „Нова“ објаснил дека немал намера да избега.
„Воопшто не планирав да бегам, ниту нешто слично. Излегов да разговарам со истиот полицаец бидејќи дошло до недоразбирање, кое на крајот беше разрешено“, изјавил тогаш Марковиќ.
