Премиерот на Македонија Зоран Заев денеска од собраниската говорница побара гласање за доверба на Владата.
„Денеска одлучив да излезам пред вас и да се повикам на член 93, став 1 од Уставот кој што вели Владата има право да постави прашање за доверба во Собранието, како и да се повикам на член 217, став 2 од Деловникот за работа на Собранието кој што вели по предлог, во случај кога прашањето за доверба на Владата го поставува претседателот на Владата усно на седница на Собранието, Собранието гласа за доверба на Владата на истата седница без расправа. Ги користам овие членови од Уставот и Деловникот да побарам пред Вас пратениците, да гласате за доверба на Владата. Да се соочиме и да расчистиме“, порача Зоран Заев.
Тој вели дека ова е момент да се види кој навистина има мнозинство во Законодавниот дом.
„Ова е моментот кога треба да видиме колку може да ѝ се верува на опозицијата која постојано тврди дека ќе ја урне Владата и ќе формира нови мнозинство. Со лажни вести и блокади се создава политичка несигурност. Нема да го дозволам тоа“, посочува Заев.
Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Доколку на Владата ѝ биде изгласана недоверба, истата е должна да поднесе оставка.
Според претседателот Талат Џафери денеска во Собранието се присутни сите 62 пратеници од мнозинството.
