Видеолотарија ја реализираше традиционалната крводарителна акција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во очи на Светскиот ден на крводарителите, Видеолотарија Касинос Австрија ја продолжи својата хумана мисија, реализирајќи ја 26-тата крводарителна акција. Акцијата се одржа во просториите на Институтот за трансфузиона медицина во Скопје.

Крводарителната акција прерасна во убава и препознатлива традиција што ја негува колективот на Видеолотарија Касинос Австрија, при што голем дел од вработените и индивидуално учествуваат и поддржуваат хумани иницијативи. Со ова, компанијата активно придонесува кон спасување човечки животи и кон промоција на културата на солидарност и хуманост.

Придобивките од крводарувањето се повеќекратни. Освен што директно се спасуваат човечки животи, со дарувањето крв се поттикнува и обновување и регенерација на организмот. Дополнително, лицата кои десет пати доброволно ќе даруваат крв, остваруваат право на бесплатно лекување.

На 14 јуни светот го одбележува Светскиот ден на крводарителите, датум избран по повод раѓањето на Карл Ландштајнер, научникот без кого модерната медицина не би постоела. Во 1900 и 1901 година, Ландштајнер спровел систематски испитувања на серуми и успеал да ги идентификува крвните групи А, Б и 0, откривајќи дека трансфузијата помеѓу неспоиви крвни групи предизвикува хемолиза, односно уривање на еритроцитите. Подоцна тој и неговите соработници го открија и резус-факторот (Rh), со кој системот на класификација станал комплетен. За ова откритие, Ландштајнер во 1930 година ја добил Нобеловата награда за медицина, а денес се смета за таткото на трансфузиологијата. Светскиот ден во негова чест се одбележува од 14 јуни 2004 година.