Викенд без ДДВ на почеток на школската година – мора да се избегнат манипулациите од страна на компаниите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дека ќе се случи викенд без ДДВ како една од анти-кризните мерки и тоа на почетокот на октомври, потврди синоќа и премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања на националнaта телевизија . Сепак премиерот предупреди, дека за да има Викенд без ДДВ мора да се избегнат манипулациите од страна на стопанството.

„Сите сакаме пред почетокот на школската година да ни се случи. Сите сакаат  да купуваат тетратки,облека на децата,чанти, мал милион трошоци тогаш се случуваат ,тогаш сакаме и да ги обезбедиме , тоа ни е намерата. Цел еден систем е, треба да го разграничите како тоа да не изманипулира стопанството со него. За да можеме да го ставиме во функција. Се обидуваме ,не можам да кажам дека ќе биде тогаш. Но правиме напори да биде на крајот на септември, последниот викенд, за да може први октомври да влеземе во мој ДДВ“, посочи Зоран Заев.

Дека спроведувањето на мерката води до одредени проблеми, предупреди и универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ. Тој во изјава за ТВ 21 вчера рече дека мерката ќе направи дупка во Буџетот и ќе стимулира сива економија.

„Мерката повеќе ќе им годи на побогатите отколку на посиромашните. Сиромашниот што може да купи- тој купува храна,облека основни потреби што се евтини. Тука нема голем данок. А богатиот купува скапи производи,па тој викенд ќе си купуваат скапи телефони,телевизори и практично државата ќе ги ослободи од данок богатите наместо да им помогне на сиромашните“, вели Бранимир Јовановиќ.

Во синоќешниот настап на јавниот сервис премиерот информираше и за други актуелни прашања од областа на економијата. Оценувајќи ја состојбата со БДП ,Заев рече дека тој во вториот квартал е на просекот во однос на земјите од регионот и Европа,  за третиот квартал премиерот очекува позитивна нула а за четвртиот квартал, како што рече, очекува истиот да биде под минус четири проценти, проекција која според Заев ни ја предвидела и Светска Банка. Државата покрај редовното сервисирање на долговите има и свој резервоар девизни резерви обезбеден од кредити потсети премиерот ,одговарајќи на новинарско прашање за ребаланс на Буџетот.

„Државата има некои 150 до 200 милиони евра пари на располагање но тоа не значи дека треба да ги поделиме сите пари. Треба да димензионираме толку колку што треба оти ќе се случи со ребаланс кој се подготвува од страна на министерството. Крати таму кај што не смееш да потрошиш , пред се крати таму кај што пари се одлеваат надвор од државата. Не треба да кратиш од капиталните инвестиции оти тоа дава работа“, додава Зоран Заев.

Заев уште еднаш потенцира дека новиот сет мерки ќе ги опфати најсиромашните ,со цел  да се  зголеми нивната потрошувачка моќ, но и на компаниите за да даваат плати. Ќе продолжи и помошта за платите во најпогодените сектори, најави премиерот.