Бројот на заразени на дневна основа е загрижувачки. Во саботата земјава регистрира над 1000 заразени за 24 часа. Од друга страна, болничките капацитети за хоспитализација на пациентите со коронавирус се речиси исполнети во секој град. Колку може да го издржи здравствениот систем овој ритам на ширење на вирусот?
Заменик министерот за здравство Илир Хасани вели дека здравствениот систем е флексибилен и може да издржи таква состојба, но додава дека лекарскиот кадар е ограничен и изморен.
„Ние во секој момент се трудиме да ги прошириме нашите капацитети на некој начин но и тие имаат свој капацитет и граница. Реално не е проблем само прашање за болнички легла, бидејќи кревет може да се обезбеди во многу од болниците кои ги имаме во моментов. Проблем се човечките ресурси кои фактички се ограничени како насекаде во светот.“, вели Хасани.
Ако продолжи ваквата состојба, според Хасани, како проблем може да се појави недостигот од лекови и други медицински материјали.
„Голем проблем во иднина може да се појави од аспект на набавките во нашите болници, нешто што веќе се случи во Хрватска, имаме информации дека недостигаат многу потрошни материјали и некои од лековите кои се основни за лекување на оваа болест или чума на 21 век.“, вели Хасани.
Пред неколку дена, министерот за здравство, Венко Филипче рече дека намалување на бројот на заразени може да се очекува најдоцна за еден месец доколку се почитуваат во целост новите владини мерки.
И Хасани рече дека единствено оружје за спречување или контрола на оваа болест е почитувањето на мерките, носењето маска, дистанца и личната хигиена.
