Денеска на армискиот полигон Криволак ќе се одржи Ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“ – првата поголема вежба која се одвива на полигонот откако Република Северна Македонија стана членка на НАТО.
На Денот за високи гости ќе бидат презентирани офанзивни операции и активности на пешадиските и специјалните единици од Армиите на Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија, со поддршка од хеликоптерите од воздухопловниот ВИНГ и воздухоплови Ф16 од вооружените сили на Грција.
Вежбата „Одлучен удар 21“ на полигонот Криволак е дел од најголемата НАТО вежба „Defender Europe21“ која годинава се одвива во Европа. Во „Одлучен удар 21“ учествуваат 1500 припадници на вооружените сили од 4 земји членки на НАТО – Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија. Вежбата започна на 17 мај и ќе трае до 02 јуни. Целта на вежбата е демонстрација на високо ниво на интероперабилност, борбена подготвеност и извежбување на Лесниот пешадиски баталјон со сојузничките армии како и зајакнување на соработката на конвенционалните и специјалните сојузнички сили.
На настанот ќе присуствуваат: претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на Владата, Зоран Заев, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, министрите за внатрешни работи, здравство и финансии – Оливер Спасовски, Венко Филипче и Фатмир Бесими, министерката за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорите на САД, Кејт Мери Брнз, на Грција, Русос Кондурас и на Албанија, Фатос Река, претставници од собраниската комисија за одбрана и безбедност, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на САД, Бугарија, Грција и НАТО, командантот на бугарските специјални сили, генерал-мајор Јавор Матеев, командантот на SEEBRIG, генерал-мајор Аристидис Илиополос, како и одбранбени аташеи акредитирани во земјава.
Пред реализација на вежбата предвидени се кратки обраќања од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик на командантот на ВС на САД за Европа и Африка, бригаден генерал Џед Шаертл и директорот на вежбата, полковник Блаже Николовски.
По завршување на демонстрацијата на вежбата свое обраќање ќе има претседателот на Република Северна Македонија и Врховен Командант на вооружените сили, Стево Пендаровски.
Нашата држава како домаќин на вежбата, покажува дека поседува искуство и капацитет за организација на големи и комплексни вежби, и тоа на полигон кој ги поседува сите потребни услови за изведување на ваков тип теренски вежби.
