Времето денеска донесе вистинско изненадување на планината Баба. На врвот Пелистер, на 2.601 метар надморска височина, падна снег, информираа од ЈУ Национален парк „Пелистер“.
Од установата посочуваат дека поради наглото заладување и ниските температури, дождот преминал во снег, уште еднаш потврдувајќи дека Пелистер, познат како крал на македонските планини, знае да биде непредвидлив и моќен дури и во средината на летото.
Фотографијата од снежниот врв е направена од вработените на пунктот на Националната радиодифузија на врвот Пелистер.
Големата промена се почувствува и во Битола. Додека вчера во 17 часот биле измерени 26 Целзиусови степени, денеска во истото време температурата изнесувала само 12 степени, а според мерењата продолжува да опаѓа.
