Собранието на Косово вечерва избра претседател на државата.
Со 71 глас „За“ и 11 воздржани, Вјоса Османи беше избрана за нова претседателка во Косово со 5-годишен мандат.
Откако положи заклетва и по изведувањето на косовската химна, Османи од собраниската говорница ѝ се обрати на јавноста при што, меѓу другото, ги повика сите политички фактори да ѝ се приклучат во напорите за натамошно градење на демократска држава.
Османи порача дека ќе ја продолжи и досегашната практика на градење добрососедски односи, но најави дека од новата позиција нема да престане да бара правда за жртвите од војната со Србија во 1998-99 година и казна за сторителите на геноцидот и злосторствата против цивилното население во Косово.
Таа вети дека ќе биде претседател на сите граѓани и обединувачки фактор на сите во државата и изрази надеж дека ќе има успешна и конструктивна соработка со извршната и законодавната власт, како и со сите фактори, со цел натамошно јакнење на косовската државност.
Вјоса Османи е петта претседателка на Косово од осамостојувањето на државата. Пред неа на чело на државата беа Ибрахим Ругова, Фатмир Сејдиу, Атифете Јахјага и Хашим Тачи.
