В.д. Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во синоќешното издание на „Клик Плус“ рече дека внимателно го следела блокирањето од страна на Бугарија на патот на Северна Македонија кон Европската унија. Вели дека со бугарското вето ѝ се нанесува голема штета на нашата земја.
„Моја проценка, со оглед на тоа што веќе подолго време го следам интеграцискиот процес на земјите од западен Балкан е дека не би требало да имаме вакви случаи каде теми од историска природа го блокираат натамошниот пат на една земја кон ЕУ. Кога станува збор за проценка на реформите, се прави проценка на исполнувањето или неисполнувањето на тие реформи во одреден момент“, истакна Вјоса Османи.
Османи додава дека граѓаните на Македонија не ја заслужуваат штетата која им се нанесува.
„Но, да се каже дека идентитетското прашање треба да стане причина за некому да му се стави вето за членство во ЕУ и покрај сите реформи, мислам дека е голема грешка која оди во штета на граѓаните на Македонија, кои не ја заслужуваат таа штетата која им се нанесува“, додава Вјоса Османи.
Вјоса Османи стана в.д. претседателка на Косово од денот кога Специјалниот суд го потврди обвинението за поранешниот шеф на државата Хашим Тачи. Османи истовремено е и претседателка на косовското Собрание.
