Влада: Дирекцијата за заштита и спасување на располагање има 50.000 литри керозин за акциите за гасење пожари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На вечерашната седница, на покана на премиерот, присуствуваше и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој информираше за сите актуелни и локализирани пожари одделно, на целата територија на Република Северна Македонија, при што беше истакнато дека ситуацијата на поголемиот дел се стабилизира и беше искажана огромна благодарност за несебичната помош од локалното население, припадниците на државните органи и помошта од повеќе пријателски земји.

Членовите на Владата, вечерва донесоа и Одлука за дозвола на Дирекцијата за заштита и спасување за употреба и управување со ресурси од Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, 50.000 литри течно вештачко гориво керозин, без надомест, доколку постои потреба.

Одлуката е донесена врз основа на анализи и процена на природата и интензитетот на кризната состојба, како и потребата од рационално користење на националните ресурси и сили во нивната континуирана ангажираност во справувањето со последиците и потребата од дополнителни летови во наредниот период, имајќи предвид дека Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи располагаат со доволна количина ресурси – керозин.