Владата на Република Северна Македонија на денешната 108-ма седница ја разгледа и усвои информацијата за потребата од склучување на нов усогласен текст на Амандманот бр.1 на Договорот за грант за партнерство за развој меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, и го овласти министерот на финансии Фатмир Бесими да ги потпише договорот со новиот амандман според кој УСАИД го зголемува вкупниот планиран придонес од 8.258.792 долари на 56.610.000 долари.
Овие средства УСАИД ќе ги додели во текот на следните 4-5 години за проекти за зајакнување на економската конкурентност, за зголемување на придонесот на младите во општеството и за проекти и програми за намалување на корупцијата.
На оваа своја седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за установите, кој се сообразува со Планот за борба против корупцијата и со кој е предвидено да се воспостави мерит процедура за селекција и назначување на членови на управните и на надзорните одбори во јавните установи, воведување на транспарентност во постапката за пријавување и селекција, како и намалување на бројот на членови на управните и надзорните на јавните установи.
На предлог на Министерството за финансии денеска е утврден текстот на Предлог-законот за финансиска стабилност да придонесе кон одржување на стабилноста на финансискиот систем во целина; да го спречи и да го намали кумулирањето на системските ризици; да ја зајакне отпорноста на системот; да обезбеди одржлив придонес на финансискиот систем кон економскиот раст и да постигне усогласување со Регулативата (ЕУ) бр.1092/2010 за макропрудентен надзор на финансискиот систем на Европската Унија и формирање Европски одбор за системски ризик.
Законот, чие донесување се предлага треба да ја обезбеди стабилноста на финансискиот систем и поголема сигурност и еднаквост на финансиските субјекти.
