Влада: Ставот на Китановиќ е личен и неприфатлив, се очекува да го повлече

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата излезе со јасен став во врска со изјавите на Далибор Китановиќ за Ратко Младиќ. Од Владата велат дека нивната позиција се темели на меѓународно утврдените правни факти.

„Ратко Младиќ е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства од надлежниот меѓународен суд“, наведуваат од Владата за ТВ21.

Оттаму нагласуваат дека ставот на Китановиќ е негов личен став и дека како таков е неприфатлив за Владата.

„Владата ги гради ставовите врз основа на интересот на државата и граѓаните. Кога таквиот став е изграден, тогаш истиот се почитува од страна на сите поединци во Владата“, велат од Владата за ТВ21.

Од „Илинденска“ додаваат дека волунтеризмот е неприфатлив и најавуваат дека од Китановиќ ќе побараат да го повлече својот став.

Во спротивно, доколку тој не се согласува со политиките на Владата, од Владата очекуваат Китановиќ да се повлече од позицијата што ја извршува.