Владата бара пари за ХЕЦ „Чебрен“ – Божиновска: Сакаме да биде наш проект, но буџетот е во лоша состојба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата формално и понатаму сака самата да ја гради ХЕЦ „Чебрен“, но од друга страна е растрчана по инвеститори за изградба на овој стратешки енергетски објект. Иако се уште формално не е одреден моделот на финансирање, дали ќе биде државно, приватно или со јавно – приватно партнерство, според министерката за енергетика и рударство Сања Божиновска, во моментов тешко може самостојно да се изгради Чебрен. Засега јапонска и француска фирма се заинтересирани за изградба на овој објект кој досега имаше 13 неуспешни тендери за оваа намена.„Мислам дека во следниот месец – два ќе имаме повеќе информации, се работи, но како што знаете буџетот не ни е во најдобра состојба. Меѓутоа ќе видиме, сепак се работи за над една милијарда евра инвестиции.“, вели Божиновска.

За Божиновска, Чебрен не може да влезе во буџетот како капитална инвестиција бидејќи имало многу желби за инвестирање на седниците на владата.

„Тоа е најкапитален проект во државата, но меѓутоа има и од здравство и од транспорт, има многу други инвестиции. Треба да видиме и да се договориме кое е приоритет на ниво на држава“, рече Божиновска.

– Значи оваа желба не ви се исполнува?

Божиновска: „Значи, многу желби има, треба да видиме што е реално.“

Сепак, досегашната реалност покажува дека во изминативе десетина години се планираа годишни капитални инвестиции од 500 до 750 милиони евра, а во реалноста се реализираа од 350 до 450 милиони.

Нереализираните милиони евра потоа се трошеа за останати буџетски расходи како пензии, плати или други заостанати обврски, кои не генерираат економски раст. Чебрен би се градел од седум до 10 години, што значи дека годишно од буџетот би се одвојувале од 150 до 200 милиони евра, или безмалку онолку колку што не се реализираат во текот на годината. Божиновска вели и дека состојбата во буџетот ја остави на страна идејата оваа хидроцентрала да се финансира со пари од договорот со британската влада вреден шест милијарди евра.

Инаку, се најави голема енергетска офанзива во наредниот период. Прифатени се 67 иницијативи на компании кои го поминале првиот филтер и тие во наредниот период ќе може да изградат енергетски капацитети со инсталирана можност од 4,4 гигавати во вредност од 3,7 милијарди евра. Дополнително, одобрени се 96 иницијативи за изградба на 96 складишта на енергија со моќност од 2 гигавати, капацитет од скоро 5 гигаватчаса и вредност од скоро две милијарди евра. Ќе се гради и когенеративна гасна електроцентрала од 495 мегавати и вредност од 445 милиони евра. Иако овие бројки се одлични, во моментов тие се само иницијатива и не се знае дали сите ќе се реализираат и кога би биле готови проектите.