Владата на Република Северна Македонија на 20-тата седница донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.
Оваа одлука влегува со сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, и е усвоена со цел да не се злоупотреби моменталната состојба на пазарот и да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи, предизвикана со прогласувањето на пандемијата од СЗО.
Министерот за економија Крешник Бектеши на својот Фејсбук профил информираше дека ќе следуваат високи казни, како и кривични пријави за сите кои ќе се обидат да им наштетат на граѓаните.
Тој го посочи и бројот 02 3220 547 на кој граѓаните може да пријавуваат доколку забележат зголемување на цените.
