Владата попладнево ги достави сите документи од францускиот предлог, односно од Преговарачката рамка до парламентот, информираат од кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери. Но засега се уште нема информации кога ќе биде закажана седницата за францускиот предлог. На вчерашниот Централен одбор, СДСМ донесе одлука со која се поддржа процесот за отпочнување преговори со Европската унија. Портпаролот на партијата и пратеник Дарко Каевски порача дека очекува силна поддршка од Собранието и пратениците на опозицијата за продолжување на европскиот пат.
-Подготвени сме и секогаш сме отворени на разговор, дискусија со опозицијата и со сите политички партии кои што се дел од парламентот да разговараме во делот на подобрување на текстот на заклучоците Чекаме да се закаже пленарната седница на која што ќе се дискутира и ќе се дебатира за овој предлог и за предлог заклучоците. Сметаме дека Собранието е место каде што треба да ги соочиме аргументите и фактите и на крајот од денот да донесеме заклучоци кои ќе ја обврзат Владата со секако зачувување на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и посебноста.-вели Каевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пак денеска објави свое видео обраќање во кое вели дека во следниве денови треба да започне седницата за расправа за францускиот предлог во кој, како што истакнаа Владата сака на сила да го протурка. Тој ги повика пратениците на СДСМ да го отфрлат предлогот и понуди малцинска влада.
-Суштински, усвојувањето, односно неусвојувањето на оваа информација нема да смени ништо посебно бидејќи Владата на Ковачевски истата веќе ја прифати. Меѓутоа пред да се расправа за информацијата во Собранието сакам да се обратам и до пратениците од владејачката СДСМ, а за кои знам дека се колебаат. Пратеници од СДСМ вие отфрлете ја информацијата на Владата а јас ви ветувам дека нема да барам избори и ќе поддржам опстојување на оваа Влада, па макар било тоа и малцинска, само Македонија да не биде уценета и понижена и да не се прифати она што сега ни се нуди.-вели Мицкоски.
Во меѓувреме Павле Трајанов од Демократскиот сојуз подготви предлог заклучоци кои се однесуваат на тоа каде треба а се корегира предлог Преговарачката рамка. Главно се однесуваат да нема унилатерални изјави за тоа како Македонија и Бугарија го разбираат македонскиот јазик, да не се условува со внесувањето на Бугарите во Уставот со Втората меѓувладина конференција, односно да постои само една, да се избришат сите билатерални прашања од Бугарија од преговарачката рамка. Рече дека доколку не се прифатат овие измени дека тој нема да гласа за предлогот.
„Би бил голем притисок ако парламентот изгради единствени ставови врз Европската унија за тие што одлучуваат. Ако не се создаде единство околу оваа рамка тогаш нема да ја поддржиме. Ако се создаде единство помеѓу партиите, ако кимаме консензус околу ова прашање со тоа што сугерираме ние што треба да се прифати, тогаш ќе ги поддржиме тие заклучоци вклучително и рамката која што треба да претрпи одредени корекции. “, изјави Трајанов.
Освен СДСМ, за поддршка на Преговарачката рамка се и сите партии на Албанците, ДУИ, Алијанса за Албанците, Беса и Алтернатива.
