Разочарани и загрижени-со барање за итна средба со премиерот и министерот за економија и со закана дека ќе затвораат. Стопанската комора на трговци на големо и мало на нож ги дочека владините одлуки за ограничување на маржите на над 100 групи на производи и замрзнување на цени на основни прехрамбени продукти. Велат ова е тежок удар за нив, и мерките ќе нанесат големи штети.
-Донесената одлука на Владата е во голема штета за трговците и нанесува ризик за опстанок, и поголем дел од тие маркети по завршувањето на мерките се принудени да затворат. Ние како трговци би биле задоволни само со 5 посто маржа на профит. Со оваа јасна слика пред народот и владата трговците не бараат многу да профитираат, а не можат ни да работат во минус, изјави Гега Лавдрим, претседател на Стопанска комојра на трговци на големо и мало.
Од Комората велат Владата не ги зела во предвид нивните предлози и дури ги зголемила мерките од првичните најави. Велат во прашање е донесена егзистенцијата на 1085 продавници со 9.000 вработени.
Владата вчера донесе две мерки во обид да ги заузда цените на храната.
Со едната се ограничуваат маржите од 5 до 15 отсто за 102 групи на производи, а со другата се замрзнуваат цените за 8 групи на продукти, највисока ќе биде цената што ја имале на 1 февруари. Очекува цените да паднат до 10 проценти, освен на 8-те групи на продукти, за кои очекува цените да останат исти. Мерките ќе траат до крајот на април, со што ќе бидат опфатени Рамазанските и Велигденските празници.
-Анализата на Државниот пазарен инспекторат покажа дека трговците на големо и трговците на мало пресметуваат бруто профитна маржа на основните прехрамбени производи во висина од 20 до 25 посто за основните производи во трговијата на мало, а од 20 до 50 посто во трговијата на големо, изјави Марјан Ристески, заменик-министер за економија.
Анализата на пазарните инспектори покажа дека бруто-профитните маржи на целиот ланец за снабдување со храна се од 50 до 70 проценти. Производ кој чини 100 денари, граѓаните во продавница го плаќаат до 170 денари.
