Владата на денешната седница донесе одлука за продолжување на мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати, која ќе важи до 4 мај, со цел ублажување на ефектите од глобалните ценовни шокови врз домашниот пазар.
Според владините пресметки, се очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука за дополнително намалување на малопродажните цени на горивата во просек за околу 1,5 денар по литар.
Мерката предвидува задржување на намалената акциза за дизел горивото за 4 денари по литар, како и намалување од 2 денари по литар за безоловните бензини од 95 и 98 октани. Од Владата посочуваат дека оваа интервенција има директен ефект врз намалување на цените, со што се намалува притисокот врз трошоците за живот и се ублажуваат инфлаторните движења.
„Со продолжувањето на оваа мерка, Владата демонстрира проактивен пристап во справувањето со економските предизвици, при што приоритет останува заштитата на животниот стандард и економската стабилност“, се наведува во соопштението.
Дополнително, Владата донесе и измена на одлуката за примена на повластена стапка на ДДВ. Според новите измени, стапката од 10 проценти ќе продолжи да важи за бензините, додека за останатите производи се враќа редовната стапка од 18 проценти.
Во сила останува и договорениот механизам со нафтените компании, со кој се обезбедува дополнително намалување од 3 денари по литар за дизел и 2 денари по литар за бензините. Со тоа, како што наведуваат од Владата, се постигнува кумулативен ефект на намалување на цените, што директно влијае врз трошоците за транспорт и ги намалува инфлаторните притисоци во економијата.
