Петтиот економски пакет е речиси целосно дизајниран, изјави синоќа во емисијата „Клик Плус“ министерот за економија, Крешник Бектеши, откривајќи дека во моментов во Влада се дискутира само за деталите околу спроведувањето на мерките кои произлегуваат од пакетот. Има две опции за кои се размислува. Прва – субвенционирање на платите од 14 до 21 илјади денари, и втора – поддршка согласно перформансот на компанијата.
„Не е бескаматен кредит, но ја содржи и компонентата на грант. Сите компании кои ќе придобијат од овој кредит, во наводници со 0 камата и до крајот на 2021 година ќе имаат пораст на бројот на вработените, ќе забележат позитивни резултати на сметка во споредба со 2019 и 2020, односно ќе добијат грант од сумата која е издвоена за компаниите“, истакна Крешник Бектеши.
Првиот човек на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по денешните средби со занаетчиите во Скопска чаршија, ја повика Владата да не ги злоупотребува економските пакети за купување.
Досегашните пакет мерки тежат 1.2 милијарди евра, но и покрај тоа, според пратеникот на Алијанса за Албанците, Елми Азири, реалната поддршка која Владата ја дала за стопанството е 3.5% од БДП.
„Од овие 3.5%, 2% се со директни буџетски импликации, а 1.5% се заеми, импликација, небуџетска импликација. Единствената мерка која ја добија граѓанинот и компаниите, прва е субвенционирање на платите, и втора платежните картички од 6.000 денари, останатиот дел е кредит“, истакна Елми Азири.
Во „Клик Плус“, како претставник на бизнис секторот, говореше бизнисменот Менди Ќира, кој изрази незадоволство од досегашните четири економски пакети на Владата.
„Овие средства се навистина симболични. Ова сакам да го кажам само за средствата кои беа за платите 14,600 денари, од кои 5.500 повторно ги зема државата, па така остануваат само 9.000 денари или 150 евра за работник кој со овие пари може да преживее само првите 10 дена во месецот, не повеќе“, посочи Менди Ќира.
Според Ќира, најдобро би било кога компаниите би се поделиле на компании со најголема загуба и компании кои биле помалку погодени. Компаниите кои успеале сами да „останат на нозе“, како што вели, требале барем да бидат поддржани со кредит со ниска каматна стапка. Во емисијата, соговорниците го спомнаа и фактот дека пандемијата оставила без работа 17.000 луѓе, а најпогодените сектори биле туризмот, угостителството и превозот.
