Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска порача дека граѓаните кои претрпеа материјална штета од силното невреме што го зафати Скопје ќе бидат обесштетени согласно законските процедури, но нагласи дека најпрво штетите мора да бидат официјално пријавени и проценети.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има обесштетување за погодените граѓани, Мицкоски објасни дека постапката започнува на локално ниво, каде општините формираат комисии за проценка на штети.
„Што се однесува до обесштетувањето на граѓаните кои претрпеа штета од невремето кое што се случи, само можам да кажам дека општините и институциите под општините формираат комисии. Граѓаните кои имаат штета треба да ја пријават таа штета во комисиите. Тие ќе направат проценка и потоа во Комитетот за проценка на штети ќе ги достават до Владата, а ние согласно закон и пракса ќе интервенираме и ќе ги обештетиме оние граѓани кои што ќе пријават штета“, изјави Мицкоски.
Тој упати апел до сите граѓани кои претрпеле штета на своите домови, возила, деловни објекти или друг имот, навремено да ја пријават во надлежните општински комисии, бидејќи тоа е предуслов за понатамошната постапка за надомест.
„Апелирам до граѓаните, оние кои имаат штета да ја пријават, да излезе Комисија да ја констатира и да добиеме ние како Влада спецификација на тие штети, за да можеме да ги обесштетиме“, додаде премиерот.
