Владата најавува нови мерки за горивата, се разгледува и намалување на ДДВ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По продолжувањето на растот на цените на горивата, Владата повторно ќе интервенира со дополнителни мерки, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека состојбата на берзите внимателно се следи, а во услови на раст на цената на нафтата и зголемени тензии на Блискиот Исток, се разгледуваат нови начини за олеснување на товарот врз граѓаните.

„Ја следиме состојбата, како Влада веќе донесовме мерка со намалување дел од акцизите за бензините и за дизел-горивата. За жал, цената на берзите расте, денеска повторно се доближува до психолошката граница од 100 долари за барел“, изјави Мицкоски.

Премиерот информираше дека се анализира дали идните мерки ќе бидат насочени кон одредени категории или ќе бидат општи, како што беше случајот со претходните интервенции.

Според него, Владата има правна основа за преземање нови чекори, бидејќи е прогласена кризна состојба на територијата на целата држава до октомври.

Една од опциите што се разгледува е повторно намалување на ДДВ за горивата. Мицкоски нагласи дека оваа мерка има влијание врз буџетските приходи, но приоритет останува заштитата на животниот стандард на граѓаните.

„Намалувањето на ДДВ-то би било директно на приходите, но нам ни е важен стандардот на граѓаните. Сакаме како Влада секогаш кога е потребно да им излеземе во пресрет“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека сите можни решенија ќе бидат дополнително разгледани пред да се донесе конечна одлука.