Владата очекува горивата да удрат врз инфлацијата, но не многу – Славески: Имаме 5,5 милијарди евра државни резерви

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата очекува повисоките цени на горивата да влијаат на инфлацијата, но премиерот Мицкоски вели не очекуваат тоа влијание да биде големо. Ја следат состојбата со трошоците за живот, но за сега нема потреба од други мерки. Состојбата будно се следи и од Народната банка. Гувернерот Славески вели шокот од кризата на Блискиот исток е поголем од оној во 2021 година, но лекциите се научени. За сега нема потреба од затегнување на монетарната политика, основната каматната стапка останува 4 проценти.

Може да се очекува доколку нели ќе треба да плаќаме поскапа нафта за увозот на нафтата во иднина, тоа да се одрази на трговското салдо и на потребата од финансирање и преку девизните резерви, значи ќе има поголема побарувачка, но ве уверувам дека располагаме со солидно ниво од околу 5,5 милијарди евра девизни резерви, така што сега за сега тука сме безбедни, изјави гувернерот на Народна банка, Трајко Славески.

Славески вели имало мала конверзија на денарски депозити во странска валута во првата недела по конфликтот, но тоа веќе се нормализирало. Депозитите се стабилни, па дури и растат. Според Гувернерот предизвикот пред Народната банка и Владата е да не дозволат инфлацијата да излезе надвор од контрола, но да и да не се наштети на економијата со затегнување на монетарната политика.

Од ММФ и ЕЦБ сугерираа владите да носат краткорочни и таргетирани мерки, главно за помош на граѓаните и превозниците. Според министерката за финансии и покрај предизвиците врз буџетот, токму тоа и се прави. Вели имавме среќа што предвреме не ја подгреавме инфлацијата со притисокот за раст на минималната плата повеќе од законски утврденото.

-Може да се носат одлуки за зголемување на плата доколку постои нели консензус или договор помеѓу приватниот сектор, работодавачи и работници. Но секако тоа на крајот ќе има одредени ефекти на инфлацијата. Затоа сакав да го споменам како клучно, тука во оваа ситуација бидејќи и Гувернерот беше на истиот став дека си има закон треба да го почитуваме законот и ете имавме среќа во целата оваа ситуација со почитување на законот да не ја подгрееме предвреме инфлацијата којашто навистина сега во периодот којшто следи ќе ни биде сериозен предизвик, вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.

Кочоска уверува буџетот е стабилен – се полни согласно предвиденото. Приходите до 19-ти март биле поголеми за 12,4%, а од нив, од даноци се собрале за 14,5% повеќе отколку истиот период лани.