За белиот леб, шеќерот и сончогледовото масло се воведува трговска маржа од 5% во трговија на мало и големо. Маржа од 10% пак се утврдува за брашно, макарони, ориз и млеко. Мерките ќе стапат на сила утре по објавувањето во „Службен весник“, а ќе важат до 30 септември, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Бектеши додава дека листата на производи за кои ќе се воведе трговска маржа ќе биде проширена, доколку има потреба и на „дневна основа“.
„Со оваа одлука се ограничува растот на цените во наредниот период преку утврдување на висината на трговската маржа која треба да влијание врз растот на цените на мало на основните прехранбени производи. На овој начин, евентуалниот пораст на цените во трговијата на големо и мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и растот на производствените трошоци“, додаде Бектеши.
Според одлуката, како што кажа ресорниот министер, се предлага рабатот и надоместоците да не се одобруваат до 31 декември 2022 година. Инаку, според Државниот завод за статистика, цената на прехранбените продукти во мај годинава биле за 17% повисоки споредбено со истиот месец лани, и тоа додека ограничувањата беа на сила.
