Владата прогласи кризна состојба низ цела Македонија поради опасност од пожари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување кризна состојба на целата територија на Македонија поради зголемените ризици од пожари на отворен простор и шумски пожари.

Кризната состојба ќе трае 30 дена и ќе стапи во сила од 1 август 2026 година, со цел навремено, координирано и ефикасно справување со пожарите, како и максимално мобилизирање на институционалните капацитети за заштита на граѓаните, нивниот имот и природните ресурси.

Со одлуката се активира Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе биде во постојано заседавање. Во рок од 24 часа треба да изготви акциски план за превенција и справување со пожарите, преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси, како и план за координирано дејствување на сите надлежни институции.

Владата ги задолжи сите органи на државната управа да постапуваат согласно прописите за управување со кризи и целосно да ги стават на располагање своите капацитети за навремена и ефикасна реакција на терен.

Од Владата истакнуваат дека одлуката е донесена како дел од проактивниот пристап за справување со ризиците од пожари и има за цел да обезбеди целосна координација на институциите во заштитата на граѓаните, животната средина и националните ресурси.