Владата против воведување на полициски час – последиците се големи, 50 милиони евра предвидени за коронакризата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Владата останува на ставот да не се воведува полициски час, иако бројот на заболени и починати од Ковид-19 секојднево расте. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека во буџетот за 2021 се предвидени 3 милијарди денари или 50 милиони евра за евентуални мерки за справување со ковид кризата.

„Ставот на владата е дека се уште не е дојдено времето за полициски час. Мерките од здравствен аспект кои што се донесени даваат резултат. Но секако ја следиме здравствената состојба и по препораки на комисијата за заразни болести, но секако ако тоа е потребно ние ќе реагираме“, посочи Фатмир Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека со полициски час економските последици се очигледни. Но рече дека до крајот на годината со државниот буџет се е покриено за сузбивање на ударот врз економијата од Ковид 19.

„Што се однесува до економсите последици, секако тие се поврзани. Колку повеќе го кратите времето на економските субјекти, толку повеќе загубите се по очигледни. Ние кажавме дека ако тоа е случај поради здравствената криза соодветно ќе одговориме со економски мерки. Ние сето тоа што го испланиравме до крај на годината го рализираме, законските одредби повеќето се поминати во Собранието, некои се во постапка“, додава Битиќи.

Последиците од Ковид кризата допрва ќе се чувствуваат во економскиот аспект. Кризата најмногу удри врз џебот на граѓаните, многу од нив останаа без работа. Само во вториот квартал, се регистрирани над 159 илјади невработени лица во Државниот завод за статистика. Во споредба со првиот квартал од 2020 година, вкупниот број на невработени е зголемен за околу 3 илјади граѓани.