Владата се повлекува од планот за купување нов авион – Мицкоски: Ако се срушиме и загинеме, тогаш ќе стане јасно зошто ни требал нов

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата ќе се повлече од планот за купување нов државен авион, по серијата критики од СДСМ. Премиерот Мицкоски изјави дека иако на средбите со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, било договорено да не се критикува одлуката за набавка на авион, тие сепак не го одржале зборот. Според него, владиниот авион е во возна состојба во моментов, а иницијативата за купување нов авион потекнала од лицата кои управуваат и оперираат со леталото.

„Гледам дека од опозицијата се отвори оваа тема, иако на тие лидерски средби, формални и неформални што ги имав со претседателот на СДСМ, тој беше јасен и рече дека за ова прашање не треба да се критикува Владата и дека нема да ја критикуваат Владата, затоа што утре ќе има нова влада, а авионот ќе се користи и за хуманитарни цели. Но гледам дека не го одржуваат зборот и ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Ако се срушиме некаде и ако загинеме, тогаш претпоставувам ќе стане јасно дека оваа дебата за некоја идна влада и иден премиер е излишна и неоснована“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска и денеска ја обвини Владата за злоупотреба на јавните средства, нагласувајќи дека во време кога недостигаат средства за плати, субвенции и пари за здравството, се планира купување нов владин авион во вредност од околу 100 милиони евра.

„Работниците се на улица за повисоки плати, премиерот лета на одмор со владин авион. Владата рече дека нема пари за плати, одби да ја зголеми минималната плата на 600 евра. На земјоделците им се скратени 40 милиони евра за субвенции, 5 милиони евра од поддршката за спортот. И на лицата со ретки болести им се скратени 3 милиони евра. Во меѓувреме планираат да купат нов авион во вредност од околу 100 милиони евра“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Инаку, Мицкоски информираше дека четири пати го користел владиниот авион, појаснувајќи дека од Сплит до Скопје, по годишниот одмор во август минатата година, се вратил со владиниот авион бидејќи го пропуштил летот со Кроација Ерлајнс.