Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во февруари во Македонската филхармонија се фалеше за 100-те дена и освоените градоначалнички места во 42 од 80 општини, додавајќи дека почнале 1.096 проекти. Но се тоа заврши во сенка откако речиси цело Скопје остана без струја.
Два месеци подоцна, во МОБ наместо музичари, настапи Владата. Па се фалеше за првите 100 дена. Премиерот Димитар Ковачевски откри дека чита коментари по социјалните мрежи.
„Деновиве читав коментари дека оваа Влада немала среќа бидејќи од прв ден се соочила со огромни предизвици. Воена и економска криза каква што не се памети. Точно е дека предизвиците, притисокот и очекувањата се големи, но среќа е што токму оваа Влада ја има одговорноста да се носи со сите овие предизвици“, вели Димитар Ковачевски.
Настанот започна со најава за транспарентност на Владата и отчетноста. Манифестацијата беше наречена форум, што само по себе подразбира место за отворена дискусија во која може да се вклучи секој, но комуникацијата беше еднострана. Тие на сцената одговараа на прашања од владините портпароли, а публиката беше пасивна. Па поинтересни беа мобилните телефони, отколку говорителите.
Некои од Министрите започнаа и да се шегуваат сами со себе. Па изразија и желба, „да бидат како Вучиќ“.
„Можеби и јас ќе излезам од замрзнатиот дел од фрижидерот, а најверојатно би излегол и од рерна пошто зборуваме и за основни прехранбени производи, значи замрзнување на цени, замрзнување на маржи…“, вели Крешник Бектеши.
Животната средина и говорот на ресорниот министер се чини беа најдосадни за Министерот за локална самоуправа Горан Милевски и транспорт и врски Благој Бочварски. Дел од министрите дури и го напуштија форумот додека нивните колеги говореа.
Новинарите иако поканети, не можеа да постават прашања. Па така портпаролите од Влада кон Министерот за образование Јетон Шаќири поставија прашање за плановите за развој, наместо штрајкот на просветарите и прекинот на наставата.
Целиот настан беше на сцена со голем видео екран и многу гости. Но, сите заборавија на пандемијата и препораките кои сами ги испратија пред некој ден, во кои се вели, иако мерките се укинуваат дистанцата од 2 метри и натаму треба да се запазува.
Инаку стодневната евалуација потекнува од американската политичка традиција, но во никој случај не служи политичарите да се фалат со проектите, туку граѓаните да проценат во која насока се движат тие кои ги избрале.
