Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека не се радувала само Владата, туку цела нација на победата на македонската фудбалска репрезентација.
„Ваква вест се слуша многу ретко, за прв пат Македонија ќе има шанса да игра на Европско првенство и ова е навистина добар успех“, посочи вицепремиерот Битиќи.
Тој вели дека како што успеале да најдат пари за граѓаните, секако дека и за ваков успех ќе најдат.
„Само што донесовме одлука на Влада на седница да ги наградиме сите фудбалери. Веројатно во овој тежок период дури скромни можат да изгледаат тие средства, кога историски можат да направат таков исчекор нашите јунаци, херои да им се даде парична награда од 10.000 евра за секој еден фудбалер“, изјави Битиќи.
Тој додава дека ова е само симболично, да имале можност тоа ќе било десеткрати повеќе.
Премиерот Зоран Заев вечерва објави дека сите членови на македонската фудбалска репрезентација ќе бидат наградени со по 10.000 евра.
„Вечерва на седница на Владата донесовме одлука од буџетските резерви да ги наградиме сите членови на македонската фудбалска репрезентација со по 10.000 евра, за историскиот успех – пласман на Европско првенство. #ОдимеНаЕвропско“, напиша премиерот.
