Владата со поддршка за самата себе?! – Таравари: Даваат средства за болница, а не е надлежност на општината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На сите општина владата им додели средства за проекти за канализација, училишта и патишта, а само во Гостивар средствата се предвидени за реновирање на болницата која не е под надлежност на општината, се жали градоначалникот Арбен Таравари.

„Со тоа воопшто не и помагаат на локалната власт, туку повторно и помагаат на централната власт, всушност ова е купување гласови од граѓаните пред локалните и се надевам, парламентарни избори, ова е, да се изразам, нашата грижа, што не треба да се случи, сите општини треба да се гледаат како еднакви субјекти но ние сме навикнати и продолжуваме понатаму“, истакна Арбен Таравари.

Од Владата велат дека критериумите за доделување на средствата од програмата ТАВ се претходно определени и важеле за сите општини.

„Сите општини беа повикани да достават проекти со потполна документација до одобрение за градба. Проекти предлагаа и ресорните министерства. Потоа, истите беа предмет на евалуација од стручна комисија при Владата на Северна Македонија која вршеше рамномерна распределба на средствата од ТАВ Програмата“, велат од Владата.

Владата без конкретен одговор за тоа зошто во Гостивар се доделени средства за болницата што не е под надлежност на општината, туку под централната власт. Или, доколку општината претходно сама аплицирала за таков проект. Документот на извршната власт за овие проекти, во точката за општина Гостивар пишува дека се издвојуваат “согласно барањето и документацијата за проектот“.

Парите за општините се од пренамената на средствата со кои требаше да се гради карго аеродромот во Штип, според договорот со ТАВ во 2008. Вредноста на овие проекти изнесува вкупно 35 милиони евра, за реализација на 99 проекти во 75 општини.