Владата утре одлучува за кризна состојба во енергетика – Божиновска: Нема да има криза и рестрикции на струја

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема да има никаква криза, ниту рестрикции на струја – уверува  министерката за енергетика Сања Божиновска, откако ЕСМ побара од Владата прогласување на кризна состојба на пазарот со електрична енергија, поради отежнатата набавка на енергенси заради блокадата на границите со Грција од страна на грчките земјоделци. Таа информираше дека утре на владина седница ќе се разгледува  барањето на ЕСМ со кое треба да се активираат државните резерви. Во резервите имаме 10.500 тони мазут, кои се доволни за 47 денови.

„ЕСМ поднесе писмо до Владата. Тоа ќе се разгледува утре на владина седница. Нема да има никаква криза. За граѓаните тоа нема да значи ништо, бидејќи државата има резерви на мазут. Тоа значи дека ако, знаете дека има протести со Грците, значи има веќе повеќе од 50 дена неможност да се добави мазут. Тоа значи дека државните резерви ќе ги снабдат ЕСМ со мазут“, порача Сања Божиновска.

Протести на грчките земјоделци има и попладнево, но Божиновска вели дека најавите се дека граничните премини со Грција ќе бидат проодни за празниците.

Воедно Божиновска информираше дека е избрана фирмата која ќе го гради далноводот до Албанија откако претходно поради неисполнување на обврските беше раскинат договорот со босанската „Енергоинвест“. Рече детали ќе соопшти МЕПСО, а кажа и дека интензивно се работи и на изградба на интерконекторот за гас со Грција кој треба да биде готов во пролетта 2027-ма година.

„Бевме и во Србија на билатерален состанок. Таму разговаравме за Србија Македонија. Таму имаме 23 километри. Заедно ќе настапиме ќе видиме за финансирање за Светската банка. Очекуваме исто така, до крај на 2027-та година да биде завршено, што значи Македонија ќе биде сериозна, ќе се транзитира Грција, Македонија, Србија, гас“, вели Сања Божиновска.

Божиновска информираше дека годишниот план за 2025-та- предвидува изградба на енергетски објекти со вкупна моќност од 1.265 мегавати, инвестиции од околу 1,4 милијарди евра. За 2026 година до Министерството се пристигнати барања за изградба на енергетски капацитети со вкупно 10.950 мегавати моќност.