Владејачката ВЛЕН и опозициската ДУИ со дијаметрално различни ставови за двете години на актуелната власт

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владејачката ВЛЕН и опозициската ДУИ изнесоа дијаметрално различни ставови по повод двете години на актуелната Влада.

Под мотото „Транспарентност и отчетност“, ВЛЕН одбележа 24 месеци владеење за кои, како што велат, докажале дека промената е можна и дека во овие две години биле реализирани проекти и закони кои со години биле само ветувања.

Меѓу другото, од ВЛЕН истакнаа дека е унапредено претставувањето и улогата на Албанците во институциите, додавајќи дека „за 24 месеци докажавме дека промената се гради врз работа, одговорност и конкретни резултати“.

„Важен столб на овој процес беше и унапредувањето на претставеноста и улогата на Албанците во државните институции, како и зајакнувањето на нивниот глас во носењето одлуки. ВЛЕН беше активен дел од оваа промена, претворајќи го претставувањето во пракса и зголемувајќи го институционалното влијание во локалните и државните процеси. Билансот од овие две години покажува дека промената не се гради врз реторика, туку врз работа, одговорност и конкретни резултати. Ова е стандардот што ВЛЕН го постави во владеењето – владеење во кое Албанците имаат посилна улога во институциите, каде што одлучувањето има ефект и каде што политиките се претвораат во подобрување на животот на граѓаните. Ова е насоката што ВЛЕН ќе продолжи да ја следи и во иднина: со повеќе одговорност, повеќе ефикасност и повеќе резултати за секој граѓанин“, соопштија од ВЛЕН.

Од друга страна, за ДУИ, најголемиот неуспех на ВЛЕН во две години владеење е европската идеја, изјави потпретседателот Бујар Османи, додавајќи дека земјата не направила ниту еден чекор кон ЕУ, иако, како што рече, ветиле дека ќе го забрзаат европскиот пат со носење динамика и кредибилитет во првите шест месеци од владеењето.

Османи изјави дека резултатите се разочарувачки и дека, според него, државата стагнира, а наместо европска агенда има дневна политика. „Резултатите се разочарувачки. Државата не направила ниту еден суштински чекор кон Европската Унија. Наместо забрзување, имаме стагнација. Наместо реформи, имаме импровизации и наместо европска агенда, имаме дневна политика. Новиот претседавач на ЕУ ја претстави новата агенда и нашата земја е единствената која воопшто не се спомнува. Најголемата загуба на европската агенда ВЛЕН им ја нанесе на Албанците, на своите гласачи и на народот. Тоа не го велиме ние, тоа го вели Брисел, тоа го вели Европскиот парламент“, истакна Османи.