Владите со Израел, народите со Палестинците – „Не протестираме за верата, туку за Палестина“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се собираа за да протестираат против бомбардирањата на Израел во Газа и за да дадат поддршка на палестинскиот народ. Покрај транспарентите со палестински симболи се вееја албанското, македонското, турското, бошњачкото знаме…Потоа, демонстрантите почнаа и со исламски извици.

„Ја Алах Бисмилах Алаху Екбер…“

Но, верската и национална обоеност на протестот беше причина демонстрантите неколку пати да имаат конфликт меѓу себе. Се поделија во две групи.

„Ние дојдовме за Палестина. Не дојдовме ни за Алах, ни за Исус Христос ни за никого. Дојдовме за Палестина“, посочија демонстрантите.

Еден од демонстрантите рече дека Израел е агресорот кој го руши мирот во светот.

„Да убиеш човек, е како да го убиеш човештвото, и да спасиш човек е како да го спасуваш човештвото. Значи, хуманоста е во човештвото и човештвото е да застанеш на страната на згазениот, против агресорот кој ја нарушува рамнотежата на човечкото битисување во светот. Ако светот сака мир, мирот треба да започне од Палестина, од Месџидул Акса“, рече демонстрантот, Фуркан Идризи.

Демонстрантите ги повикаа Обединетите нации да одржат седница и да се стави крај на војната во Газа.

Организаторите на протестот остро ги осудија државите кои го поддржуваат Израел и правото за самоодбрана од терористичките напади.

„Протестираме и ги осудуваме сите влади во светот кои отворено ги поддржуваат зборовите на американскиот претседател, Бајден или таканареченото право на Израел за самоодбрана додека ги протеруваат Палестинците од своите домови. Се поставува прашањето дали Палестина нема право да се брани“, посочи организаторката, Џејлан Велиу.

Во одбрана на Палестина, присутен беше и еден Сириец, Ман Махмалад, лекар кој 35 години живее во Северна Македонија. Тој рече дека е жално тоа што им се случува на Палестинците.

Протести за солидарност со Палестинците се одржаа во Косово, Србија, Босна и Херцеговина и бројни други држави западно европски држави.