Власта 3, опозицијата со 6 предлози, избор на уставни судии по пат на оглас, а не по партиски предлози

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовевски, Татјана Васиќ од Министерството за правда и Фатмир Скендер актуелен судија се кандидатите на владејачката коалиција за изборот на новите уставни судии. Од опозицијата пак беа доставени 6 имиња меѓу кои се професорите Саво Климовски и Родна Живковска, потоа Тодор Витларов обвинител од Штип, Весна Јовановска судијка во Управен суд, Воислав Димовски, актуелен обвинител од Охрид, Бранко Секуловски поранешен судија и претседател на гостиварскиот суд.

Ова се кандидатите кои Комисијата за избори и именувања ги утврди по што тие ќе одат на изгласување на пленарна седница. Во расправата на Комисијата власта и опозицијата дискутираа за промена на начинот на изборот на уставните судии, односно тоа да се прави по системот на избор на составот на Антикорупциската комисија.


„Мое мислење е дека ќе треба во наредниот период да размислуваме сите заеднички да го измениме затоа што има судии луѓе од фелата кои што не сакаат партија да ги предложи. Не се сите оние кои што партија ги предлага и зошто на крајот на денот еден уставен судија, нешто што законски е регулирано и уставно е регулирано дека нема допирна точка со партија да биде предложен од пратеници или од партии кои што предлагаат. Може има луѓе кои што сакаат сами да се пријават на оглас на уставни судии“, вели Мицевски од ДПМНЕ.


Изборот на судиите е целосно без критериуми, а единствено нешто што се бара е да биде истакнат правник, истакна Павле Трајанов претседател на Демократскиот Сојуз. Тој ја повика претседателката на Уставниот суд да направи измени на законот, бидејќи на овој начин со предлагање судии од страна на партиите, се партизира највисоката судска инстанца.


„Ние сега вака ќе предлагаме судии и повторно како и досега Уставниот суд ќе биде целосно партизиран и нема да работи во функција на заштита на уставноста, на законитоста туку ќе работи по налог на политичките партии застапени од парламентот. Сакам да нагласам дека оваа материја треба да се регулира и се чудам и претседателката на Уставниот суд очекува некој друг да направи закон за работа на Уставниот суд“, рече Трајанов.


Горан Мисовски со предлог во иднина да се размисли како да се уреди изборот на уставните судии да биде поинаков, но дека сега треба да се изберат нови судии според постојните законски процедура, за да се комплетира Уставниот суд.

„Дали треба да го уредиме – Да. Дали треба процесот на избор на уставни судии да го направиме потранспарентен – Да, се согласувам. Мислам дека тука никој во оваа сала не би не поддржал и за ова што јас го говорам и Милошоски и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и тоа што претседателката го говореше – тие се правилата на игра. Бидејќи имаме една позитивна конструктивна атмосфера, јас апелирам да си ја почнеме процедурата, за жал велам, според правилата што ги има во моментот важечки“, вели Мисовски.


Уставниот суд веќе подолг период работи само со петмина судии од утврдените 9 членови и покрај тоа што претседателката на судот Добрила Кацарска неколку пати апелираше до Собранието да се изберат судиите.