Пратениците на власта и опозицијата ниту денеска не се усогласија околу донесувањето на законот за Академии на судии и обвинители и поради тоа седницата за овој закон е одложен за по локалните избори на 17 октомври. Љупчо Пренџов од ГРОМ која е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и денеска со забелешки дека се става европско знаменце за да се помине законот без расправа иако, како што велат во текстот нема усогласување со европската регулатива.
„Овој закон не пишува во него со која регулатива се усогласува со Европската унија. Такво нешто нема и нормално како пратеници од опозицијата побаравме процедурално зошто тоа се случува. После првото процедурално не ни беше дозволено да зборуваме, ни беа одземени процедуралните и веднаш беше ставено на гласање, како што би рекле СДСМ од минатите состави на шверцерски начин“, истакна Љупчо Пренџов.
Претседателката на Комисијата за политички систем Соња Мираковска вели дека постапката за донесување на овој закон го пролонгира, поради, како што рече, нема да дозволи опозицијата да си прави политички маркетинг. Ако не можат со амандмани да блокираат тоа сега го прават со процедурални забелешки за да не се утврди дневниот ред, вели Мираковска.
„Нивното процедурално барање не се однесуваше за процедурата. Дојдоа со намера Комисијата да не функционира, односно да не работи. Впрочем подолго време сме сведоци со илјадници амандмани и секоја можност на Комисија да опструираат тоа и го прават. Дојдоа со свирчиња на Комисија. Дневниот ред е утврден, денеска требаше да биде вториот ден но ќе одложиме за после 17-ти затоа што навистина не е во ред во овој период говорницата да се користи за политички маркетинг“, додаде Соња Мираковска.
Веќе подолг период владејачкото мнозинство се жали дека опозицијата блокира и го опструира работењето на Собранието со тоа што за било каков закон поднесува огромен број амандмани. По ова во законодавниот дом од Владата се испраќаат закони со европско знаменце, што значи скратена постапка на донесување, односно колку и да има поднесено амандмани расправата трае само три дена. Засега во Собранието има поднесено 46 закони со европски предзнак.
