Власта ја отфрли идејата за лидерска – Мицкоски: Ако има Филипче нешто да каже нека дојде, Таравари: Тоа е губење време

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ако има нешто да ми соопшти јас сум секогаш отворен да гo слушнам, ова е одговорот на премиерот Христијан Мицкоски на барањето на претседателот на СДСМ Венко Филипче за одржување лидерска средба на која би се разговарало за состојбите во Кочани и истрагите што се водат. Според Мицкоски ова е пресериозна тема и не е добро за тоа да се разговара преку медиуми.

-Тој може да го соопшти тој план и преку прес конференција но доколку цени дека мене треба претходно да ме информира и запознае јас сум секогаш тука на располагање, сериозните теми бараат сериозен пристап така што еве оставам на нив дека имаат навистина таков план кој што сакаат мене да ме запознаат јас сум подготвен во термин во кој што тие или тој мисли дека треба да бидам запознаен да го примам и да поразговараме на оваа тема, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Вчера и министерот за здравство Арбен Таравари од редовите на коалицијата ВРЕДИ коментирајќи го барањето на Филипче рече дека сега не е момент за лидерска и дека тоа би било само губење време.

-Мислиме дека постојат институции кои што функционираат, мислиме дека не е моментот и не знам што би правеле на тој состанок, на таа средба. Ние сме заинтересирани да се решат проблемите кои што ги имаме како институции, неуморно работиме секојдневно, така што тоа би било само губење време, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.

Воедно од СДСМ бараа и формирање Анкетна комисија, додека од ДУИ пак бараа Европската комисија да испрати правни експерти за истрагата за трагедијата во Кочани. Мицкоски вели дека истрагата ја водат државниот обвинител Љупчо Коцевски, како и обвинителите Ислам Абази и Гаврил Бубевски поставени од претходната власта на СДСМ и ДУИ, но дека повлекувањето за разрешување е привремено.

-Тоа што не продолживме во процесот за промена на обвинителите тоа не значи дека сме заборавиле сето она кое што тие го правеа и од каде потекнуваат. Не е тоа трајно, ја анализираме и будно ја следиме работата. Истите овие беа миленици на истите тие кои што сега СДСМ и ДУИ велат дека не се задоволни од истрагата што ја прават. Па јас би ги прашал дали беа задоволни од истрагата за модуларната болница, дали беа задоволни од истрагата за Ласкарци, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Во однос на иницијативата на СДСМ за заеднички кандидат со ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кочани, откако Љупчо Папазов по трагедијата си поднесе оставка, Мицкоски рече дека тоа ќе предизвика дополнителна болка кај луѓето бидејќи уште не се поминати ни 40 дена од големата несреќа во која загинаа 59 лица.