Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ деновиве рече дека целта е да има успешен процес на уставните измени, меѓутоа не даде конкретни планови како се планира тоа да се истурка во Собранието.
Засега и не е јасно кога би се иницирале овие уставни измени, за што и самиот Маричиќ рече дека не е утврден календар за нивно започнување, но дека би требало да завршат до крајот на скрининг процесот.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека нема да гласаат за уставните промени за што и претседателот на партијата Христијан Мицкоски рече дека пратениците од редовите на неговата партија доставиле нотарски изјави дека ќе бидат против. Оттука е нејасно и како ќе се обезбеди двотретинското мнозинство за нивно донесување, бидејќи секако изјавите на Маричиќ кој во емисијата Трилинг рече дека со тоа ќе покажеле кој е за ЕУ а кој против не може да се очекува дека ќе ги предомисли.
„Мислам дека треба секоја политичка партија и секој пратеник да има доволно чувство на одговорност во наредниот период, бидејќи овој процес допрва почнува, ќе има време да се работи на тоа, да се одлучи дали е за патот на Европската унија или е против. Мислам дека е тоа дилемата, не е ништо друго. Мислам дека сите партии сите пратеници ќе имаат можност во наредниот период, ние ќе отвориме дијалог, ќе разговараме со сите, да се изјаснат на која страна на процесот ќе бидат дали за ЕУ и продолжување на тој пат или за нови застои и блокади“, вели Бојан Маричиќ.
Во меѓувреме пак од ВМРО-ДПМНЕ бараат референдумско изјаснување на францускиот предлог. Портпаролот на партијата Наум Стоилковски ја повика власта да ја прифати иницијативата, но воедно потсети и дека нема да поддржат уставни измени.
„Владата да не бега од референдум, да не се плаши од народот.Влада што навистина постигнала успех, историски успех нема зошто да се крие од народот.Постои опција како да се избегне дополнително национално понижување, и држава во позиција на потчинетост. А тоа е референдум!И денеска повторуваме, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи измени на Уставот, за Ковачевски да почне со асимилација во замена за лична власт! Тоа е уцена пред Македонија спротивна на европските вредности и принципи“, посочи Наум Стоилковски.
Од СДСМ велат дека иницијативата за референдум е обична фарса и дека тие нема да го поддржат референдумското изјаснување.
„Најавите за референдум против заклучоците на Собранието за заштита на македонскиот идентитет и против македонски јазик во Европската унија не се ништо друго освен обична фарса на Мицкоски за внатрешна употреба, за неговите проблеми во ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ заедно со граѓаните нема да го дозволи тоа и нема да поддржи референдум кој што е против заштита на македонскиот јазик, идентитет, историја и посебност во преговорите со ЕУ“, велат од СДСМ.
За референдумот се изјаснија и највисоките партиски органи на ВМРО-ДПМНЕ, но засега се уште нема формулација на референдумското прашање. За ова од ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да соберат 150 илјади потписи на граѓаните.
