Власта тврди дека немало постабилна коалиција – Филипче: Пораката за избори беше кон ВЛЕН и ЗНАМ, а кокетирање со ДУИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ е подготвена за избори, вели претседателот на партијата Венко Филипче. Според него, идејата за двојни избори догодина, која прв ја спомена премиерот Христијан Мицкоски, е доказ дека на Владата не и одело.

„Ова, на некој начин, кокетирање со ДУИ би рекол дека пред се е порака до ВЛЕН и ЗНАМ, коишто очигледно дека имаат маргинализирана улога и практично преполовена поддршка. Што се однесува до СДСМ ние сме спремни да одиме на било какви избори од денеска натаму.“, рече Филипче.

Одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, владината коалиција никогаш не била постабилна.

„Ако е навистина така и господинот Филипче е сигурен во тоа што го зборува, има пратеничка група од 18 пратеници, нека поднесат барање за распуштање на Парламентот, па тоа што го тврди да го провериме на избори.“, изјави Стојаноски.

Првиот вицепремиер Изет Меџити од коалицијата ВРЕДИ изјави дека наскоро официјално мнозинството во Собранието ќе брои 80 пратеници и затоа нови избори не се потребни. Меџити додаде дека Мицкоски бил изваден од контекст кога ја споменал идејата за предвремени парламентарни избори.

„Извадено е од контекст… за државата и за граѓаните, кога имаш мнозинство од 80 пратеници непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа е само трошок за државата и губење време.“, вели Меџити.

Од друга страна, категорично „да“ за нови избори пристигна од ДУИ. Оттаму пак велат дека има поголема економска логика изборите да бидат двојни, на еден трошок и повторија зошто се потребни нови избори.

„Очекуваме господинот Мицкоски да го одржи зборот по јавниот повик за предвремени избори. Ние секогаш сме биле спремни да се соочиме со граѓаните, со народот…. оттаму ја црпиме и довербата и убедени сме дека така ќе продолжи. Но потребни се на државата и за меѓуетничките односи коишто се доста нарушени со новата влада без етнички легитимитет, за интеграцискиот процес…“, рече Блерим Беџети.

Од ДУИ кажаа дека е извесен датумот за локалните избори и ги повикаа останатите политички сили да ја прифатат идејата за парламентарни избори.